Меморандум за независност на Македонија од 1 март 1913 година

Првата Балканска војна почнала на 18 октомври 1912 година. Најголемите судири се одиграле на територијата на Македонија и на Тракискиот фронт. Во рок од месец и пол Османската империја била победена. На 4 декември 1912 година било потпишано примирјето. Најголемиот дел од дотогашните турски владеења на Балканот биле поделени меѓу сојузниците. Српската војска стигнала до Лерин и Гевгелија, окупирајќи го на таков начин поголемиот дел од Вардарска Македонија в скоро цела Албанија. Од своја страна бугарската војска ја окупирала источна Македонија и голем дел од Тракија. Останатиот дел од Македонија, заедно со Лерин, го окупирала Грција, чија војска исто така како и бугарската влегла во Солун.

По завршување на Првата балканска војна, во средината на декември 1912 година, била свикана Лондонската конференција за мир со цел потпишување на договор меѓу Балканските сојузници  и поразената Турција. Во преговорите Турција со намера да задржи што поголема територија на Балканот предложила на Македонија и Албанија да и се даде автономија под суверенитет на Турција.

Предлогот за формирање за независна македонска држава не бил прифатен, иако македонскиот народ активно зел учество во војната против Османската империја и очекувал дека тоа негово учество ќе биде почитувано и наградено од сојузниците. Наместо награда сојузниците кои тајно се договараа околу распарчувањето на македонската територија, го спречија создавањето на Македонската држава, но дозволија  да се формира Албанската држава, на 27 декември 1912 година. Со потпишувањето на Лондонскиот договор за мир на 30 мај 1913 година со Турција, нерешеното македонско прашање допринесе односите помеѓу некогашните балкански сојузници уште повеќе се заострат.

За време на Лондонската конференција за мир македонскиот народ, окупиран и опкружен со сојузничките војски не можел да влијае на нејзиниот исход, но затоа активни беа македонските емигранти во Европа и светот. Предводена од Димитрија Чуповски, македонската колонија во Петроград, започнала борба против балканските претенденти врз Македонија, притоа барајќи поткрепа од руската јавност. Исполнувајќи го светиот долг кон својата татковина, македонската колонија во Петроград испратила на 14 март 1913 година меморандум до мировната конференција во Лондон, а  истовремено била испратена и национална карта на етничка Македонија, која што ја напечатил Д. Чуповски.

Меморандумот за независност на Македонија преставува драматичен повик, очаен крик,  во кој македонските емигранти во Русија протестираат против распарчувањето на Македонија меѓу „сојузниците”. Застапувајќи ја паролата „Македонија на Македонците”, Македонската колонија во Петроград неможејќи да остане рамнодушна кога гледа како сојузните балкански држави (Бугарија, Србија и Грција) „браќа по крв и вера се стремат да ја раздробат Македонија, која стои на исто културно ниво со нив”, преку овој Меморандум бараат независност Македонија.

Во овој вонредно значаен документ, објавен и во Македонски глас, се наведува дека Македонија по бројот на населението поодделно е поголема од Србија и Грција и дека поделбата на Македонија е оценета како „најнеправеден акт во историјата на народите, газење на правата на човекот, срам за целото словенство”. Исто така во меморандумот состојбата во Македонија запоседната од сојузничките војски, е оценета како замена на „турското ропство со христијанско”.

Меморандум за независност на Македонија од 1 март 1913 година, предаден од македонската колонија во Петроград до Конференцијата на големите држави во Лондон

Залагајќи се за почитување на доприносот на македонскиот народ во војната, за неговото право на самостојност  во Меморандумот од 1 март 1913 година кој бил потпишан од Полномошниците на македонската колонија: д-р Г. Константиновиќ,  Н. Димов,  Д. Чуповски  и А. Везенков се вели:

„Македонија, која пред 35 години ја ослободија Русите, со Берлинскиот договор беше одново вратена под поранешното турско господство. Овој настан се покажа за Европа како извор на постојани грижи и силни неспокојства, за Турција – како причина за одлагање на внатрешната преродба и средување на нејзините односи со соседите, а во самата Македонија тоа предизвика нови потоци од крв и беспримерни народни страдања. Сите дипломатски советувања, сите проекти, сите истапи на странските монарси и застапување на европските контроли ништо не помогнаа.

Сега Македонија одново е ослободена. Но Европа е готова да ја направи истата грешка што беше направена во 1878 г. Наместо Македонија да се прогласи за самостојна држава, нејзините нови ослободители решија да ја разделат меѓу себе; ние сме убедени и длабоко веруваме дека свесниот и демократски дел на бугарскиот, грчкиот и српскиот народ не учествуваат во оваа братоубиствена поделба на македонскиот народ Меѓутоа, Македонија располага со сите природни и историски права на самоопределување. Низ сите векови таа беше самостојна политичка единица, или влегуваше во состав на друга држава. Ова произлегува од нејзината географска целина и обособеност. Границите на Македонија јасно се означени со планинските вериги што ја окружуваат и со морскиот брег. Оваа географска целина и целиот систем на плодородни долини и полиња расположени како лепеза ја обусловуваат исто така економската целина и неделивоста на земјата.

Еднородно е, исто така, и населението на земјата. Според податоците од разни авторитетни истражувачи, 2/3 од населението на Македонија претставуваат посебно словенско племе. За да се одбегнат во иднина какви и да било триења меѓу народите што и се соседни на Македонија, за да им се даде можност и на помалку значајните групи од други народности што се замешани во словенската маса: Албанци, Грци, Власн. Турци и Евреи – да имаат слободен и непречен национален живот. единствениот пат е да се создаде слободна независна Македонија. На тој начин, за сите соседи на Македонија е попогодно оваа земја да остане неразделена, зашто, при какво и да е разграничување, дел од живите сродници ќе остане под туѓо господство и ќе загине.

Македонците го извојуваа правото на самоопределување и низ целата своја најнова историја. Во името на независноста и слободата тие се бореа со векови, особено по Берлинскиот договор тие безброј пати се креваа на востанија и секогаш се одликуваа со решителност и храброст. Во последната војна Внатрешната македонска организација и 27-те емигрантски братства формираа многубројни македонски одреди, кои укажаа големо влијание врз текот на војната и со своето јунаштво ја заробија 12-илјадната војска на Јавер-паша.

Во критичниот момент на српската армија кај Куманово, кога таа почна да отстапува, се појавуваа 6.000 македонски четници и со бомби в раце ја напаѓаат во заднината турската војска,  Турците избегаа во паничен страв, оставајќи им се на победниците. Овие крупни македонски победи Србите и Бугарите намерно ги премолчуваат и никому не му дозволуваат за нив да пишува. Освен тоа, Македонците не еднаш ја пролевале својата крв за грчката, српската и бугарската слобода и на тој начин си го извојуваа правото на војувачка страна. Во овој момент македонската војска се бори заедно со сојузниците и има околу 70.000 четници и ополченци. Сега во Македонија царува ужасен терор, „слободата” на сојузниците нема граници, никој од Македонците нема право да отпатува од Македонија во странство за да протестира кај европските држави. Кој ќе се обиде тоа да го стори, него или го убиваат, или го ставаат во затвор. Војската на сојузниците ја опкружи цела Македонија со железен обрач.

Врз основа на сето ова Македонската колонија во Петроград, исполнувајќи го светиот долг кон својата татковина и свесно застапувајќи ја паролата „Македонија на Македонците” – протестира и не може* да остане рамнодушна кога сојузените балкански држави (Бугарија, Србија и Грција) – наши браќа по крв и вера – се стремат да ја раздробат нашата татковина, која стои на исто културно ниво со нив, која и по бројноста на населението (три и пол милиони жители) е поголема од Србија и Грција поодделно. Таа не може да го гледа без болка пропаѓањето на својата несреќна татковина, погребувањето и уништувањето на политичкиот и духовниот живот на целата нација. Поделбата на Македонија од нејзините браќа е најнеправедниот акт во историјата на народите, газење на правата на човекот, срам за целото словенство.

Турското ропство е заменето со христијанско, но не е далеку оној Злокобен час (тој наближува — македонските четници веќе истапуваат против непријателите на својата татковина), кога Македонците отворено ќе му кажат на целиот свет: „Подобро е да умреме во борбата за својата слобода, отколку да живееме одново во ропство”.

На македонскиот народ му е потребно:

1)  Македонија во своите географски, етнографски, историски и економско-политички граници да остане единствена, неделива, независна балканска држава.

2)  Во најскоро време, да се свика врз основа на општо гласање македонско народно собрание во Солун, кое подробно ќе го разработи внатрешното устројство на државата и ќе ги определи своите односи со соседните држави“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *