Мицкоски единствен кандидат за претседател на ВМРО – ДПМНЕ

Христијан Мицкоски ќе биде единствен кандидат за претседател на ВМРО – ДПМНЕ на конгресот во Валандово, закажан за утре и за задутре. Само генералниот секретар на ВМРО – ДПМНЕ, како што дознаваме, денеска до 15 часот поднел кандидатура до седиштето на партијата.

Останатите потенцијални наследници на Никола Груевски, чии имиња се споменуваа во јавноста, одбија да поднесат кандидатури, воглавно незадоволни од начинот на кој што е организиран конгресот, како и поради фаворизирање на Мицкоски од страна на врвот на партијата.

На конгресот во Валандово се номинирани 544 делегати, но прашање е колку од нив ќе дојдат. Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ во средата вечерта го одби барањето на поранешни и актуелни функционери, меѓу кои Илија Димовски и Антонио Милошоски за одложување на конгресот и создавање фер услови за рамноправна борба. И Филип Петровски одби да се кандидира, бидејќи „не сака да даде легитимитет на нелегален конгрес“. Прашање е во кој правец ќе се одвиваат работите, односно дали се на повидок делби, фракции и напуштања на партијата што беше на власт од 2006 до 2017 година. (Г.А.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *