Нова рамнотежа на силите во Европа – мислење 111
26 септември 2009
Чудесна е нашата способност да направиме циркус од се’. Па, така и со Енциклопедијата Македонија. Следам цела недела што се’ се кажа, искоментира и не можам да се изначудам. Морам да нагласам дека не верував оти една книга може да предизвика толку интерес кога се знае колку малку се чита кај нас. Сепак, кога книгата отвора простор за кавга, тука се сите – и тие што читаат и тие што не читаат (за жал, во големо мнозинство се вторите). Едни промовираат, други критикуваат, а никој не ја прочитал книгата… И, одозгора на се’, се замешаа и странски амбасади, со што енциклопедијата доби димензија на меѓународен проблем. Ова од само една проста причина – политичката промоција. Убеден сум дека немаше да има толку голема врева доколку не се бараше начин од промоцијата да се запише и некој поен, врз база на дневна политика. Та, МАНУ објавува многу наслови секоја година. Според приговорите за енциклопедијата, сигурен сум дека и за други наслови би и се приговарало на оваа институција, кога само повеќе би се читало.
Во овој текст, сепак, ќе се задржам на една надворешнополитичка состојба која има глобални последици, а на која, поради анализирање на ревизорскиот извештај за МНР, во последните две недели не можев да и’ се посветам. Се работи за Системот за пресретнување балистички ракети, кој Американците сакаа да го постават во Европа, поточно деловите кои требаше да се распоредат во Полска и во Чешка. На 17 септември претседателот Обама извести дека САД се повлекуваат од овие планови. Оправданието кое беше понудено е дека, според разузнавачки извори, Американците заклучиле оти ракетната програма на Иран е се’ уште далеку од можност да ја достигне Европа. Односно, дека ќе и се даде предност на дипломатијата и преговорите.
Упатените аналитичари знаат дека плановите за поставување на овој штит не вклучуваа само неутрализирање на Иран, туку и амортизирање на руската закана за Европа, односно освојувањето на северниот дел на Европа од страна на САД, со што би се добила стратегиска предност во однос на овој конкурент. Токму затоа, од првиот ден Русите почнаа јавно и гласно да се спротивставуваат на обидите за распоредување на овој штит. Ставајќи до знаење дека го чувствуваат како закана за нивната безбедност и нагласувајќи дека тие соодветно ќе одговорат.
Со овој „дарежлив“ потег Обама сака да ја намали тензијата во односите со Русија и истовремено да ја добие нивната поддршка во борбата против талибанците во Авганистан, како и за притисок врз режимот во Иран. Укажаната добра волја, секако, отвора врата за соработка, која ќе биде интересно да се следи во иднина, посебно во Советот за безбедност. Баш би сакал да видам дали е возможно да се усогласат овие две моќни држави во тој орган околу гореспоменатите прашања, кога, на пример, ќе треба да се донесе соодветна резолуција која дополнително би го притиснала Иран. Ќе биде интересно и да се следи дали сега, пред дополнително зголемениот притисок, Иран ќе попушти, напуштајќи ја нуклеарната програма.
Уште е поважно да се види како оваа отстапка ќе ја третира руската страна. Дали таа во ова ќе види само нејзино одоброволување или слабост на Американците кои се исцрпени од долгогодишната војна во Ирак и во Авганистан. Имено, уште во мандатот на Буш, Кремљ јасно стави до знаење дека се противи на експанзијата на НАТО на своите граници (Грузија и Украина), како и на Системот за пресретнување балистички ракети. Сега, откако Обама одговори позитивно за едното од барањата на Русија, интересно ќе биде да се види дали НАТО ќе ги подзапре плановите за свое проширување на исток кон Русија. Ако се случи тоа, тогаш може да се смета дека Русија ќе ги постигне своите намери, со жестоко спротивставување да го намали влијанието на САД во регионите кои ги смета за ексклузивно нејзини.
Ова е само едната страна на медалот. Лех Валенса, легендарниот полски лидер, веќе даде изјава која може да се смета како парадигматична. Имено, тој јавно, без трошка задршка, го осуди однесувањето на САД, обвинувајќи ги дека тие си ги следат само своите интереси, користејќи ги другите држави според дневните потреби. Валенса изјави дека Полска треба да го преиспита својот однос кон САД, не затоа што се откажува поставувањето на одбранбениот штит, туку поради начинот на кој е третирана Полска во тој процес. Мислам дека сентиментот, во најмала рака, ќе биде сличен и во Чешка, но и кај некои други држави кои се блиску до Русија. Во прашања се историски елементи и сеќавањето на блоковската поделеност, кога тие беа од „другата страна“. Чешка особено тешко, трауматизирано, со големи последици, го мина тој период. Практично, ставањето на располагање на својата територија за програмата на САД кај нив го зголемува чувството на сигурност. Сега работите се ресетирани, вратени на почетна точка. Иако е тешко да се претпостави дека во блиска иднина може да дојде до конфликт на европска почва, каде што Русија би се обидела да ги врати своите позиции од по Втората светска војна, државите од нејзината сфера на интерес, реагираат нервозно на одлуката на Обама.
Опасноста за Американците да го изгубат своето влијание на теренот на Европа ќе се зголеми ако на овој начин реагираат и некои други членки на НАТО или сојузници. Треба да се види како ќе реагираат Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, како и балтичките републики. Ако Русите го протолкуваат ова како слабост и се обидат поагресивно да се пласираат во тие држави, лесно може да натежне тасот во балансот на силите во нивна корист. Да потсетам само на кризата со гас, која беше предизвикана оваа година, меѓу другото, за да се покаже кој ги држи стратегиските елементи в рака, односно кој може да ги затвори славините во секој момент. Старата Европа работи посветено на својата енергетска независност, градејќи и алтернативни гасоводи кои преку Африка или Турција ќе можат да ги заменат руските извори. Таа е економски далеку помоќна од новите ЕУ и НАТО-членки, довчерашни делови на источниот лагер. Сериозна е опасноста тие да се почувствуваат отфрлени поради опаѓањето на стратегиските капацитети на САД и во блиска иднина и самите да бараат начин да го лимитираат влијанието на Американците во нивните општества.
Според настапот од пред неколку дена на Ахмадинеџад пред Генералното собрание на ООН, се чини дека тој се’ уште не чувствува некој посебно голем притисок врз него, кој требаше да биде последица на стопирањето на плановите на САД и комбинирањето на поддршката од страна на Русија.