Командантот на НОВ и ПО на Македонија, Михаило Апостолски го повикува со писмо својот сограѓанин и личен пријател, професорот Чучков од Скопје да излезе на слободната територија и да земе активно учество во НОБ. Во писмото меѓу другото вели:
„По нашите разговори што ги имавме летото минатата година , сметам за потребно да ти се јавам, а особено по разговорот кој тука го имав со Лилјана, сега имаме и редовна врска, па може и да се пишува. Сметам дека не е потребно да те убедувам , во тоа дека во денешната борба сите чесни Македонци да земат активно учество, зошто тоа меѓу нас е расчистено. Знам дека твојата желба беше уште лани да излезиш ваму, но во тоа те спречија твоите фамилијарни проблеми.
„По прашањето на воено-политичката ситуација, исто така сметам дека нема што да јавувам, верувам дека си запознаен наполно, без оглед што радиата се запечатени. Со вчерашното соопштение за избивање на Црвената армија на Дњепар, ситуацијата за нас на Балканот станува поарна. Црвената армија ни се приближува, но ситуацијата станува се посериозна, во толку да бидеме будни, за фактички нашиот народноослободителен фронт таа ситуација ја искористи за своја полза, да не се случи нашата небудност или отегнување на некои работи, некои други елементи да се наметнат и да станат фактор во Македонија. Како на пример, на Дража Михаиловиќ бандите кои се беа наметнале во Куманово и Крива Паланка (сега нашите баталјони ги разбија) или некои други фашистички групи.Потоа и други прашања, за кои немам време да ти пишувам овде, нашето писмо би било многу големо. Но, по сите тие прашања има пишано нашиот весник “Илинденски пат”, барај да го прочиташ.
„По прашањето на обединувањето на Македонија, сите ние овде мислеме за обединувањето на македонскиот народ и тоа ни лежи на срце како на секој чесен македонец. Ние на тоа работиме и веруваме, дека ќе се исполнат вековните идеали. Само е прашање по кој пат тоа ќе се постигне. Нашето седење извесно време во други краеви на Македонија, секако оди во прилог на нашето обидување и револуционирање на нашиот народ таму. Но, во колку успееме во тоа, не е доволно само ние, не е доволно само ние, туку е нужно тоа да го сакаат и нашите браќа од другите делови на Македонија, да и тие со оружје во раката тоа право на слобода и обединување си го извојуваат, а ние исто ќе работиме на тоа и ќе помогнеме.
А, како ќе се постави тоа прашање во нашите јавни документи, зависи од општата меѓународна ситуација, која мора да биде во склад, за случајно водата да не наврти на фашистичка воденица.“
„Денеска ние стоиме под една стварност, а тоа е новата Демократска федеративна Југославија. Како што знаеш АВНОЈ на своето историско Второ заседание донесе неколку одлуки, од кои за нас најважни се две. И тоа прво Југославија да биде федеративна, во која Македонија влегува како единка. Тука на македонскиот народ му се дава право и првпат му се признава правото да е народ, добива полна слобода и признавање на правото на оцепување и соединување со други народи, а тоа е резултат на нашата борба. Друго решение е да му се забрани на Крал Петар, да се врати во Југославија. Тоа е првиот чекор да се ослободиме од кралеви и цареви. Но, за нас во Македонија се појавува потреба, за што поскоро создавање на едно антифашистичко собрание на Македонија. Ние денеска вршиме подготовки и се надеваме, дека во тоа ќе успееме. Потребни ни се и нужни ни се лица со поголем авторитет меѓу народот, како што си ти и други пријатели да излезат ваму, кои би се употребиле за создавање на АСНОМ. Затоа драги Мане, сметам дека е крајно време и ти да дојдиш ваму, се разбира ако таквото гледиште не си го променил. што не верувам.
Но, не само ти да дојдиш, ами поенергично да поведиш и некој друг наш пријател и другар. Ти ги знаиш подобро, кои би можеле да бидат.
Кога ќе дојдиш овде, ќе зборуваме пошироко за сите прашања. Поздрав на сите.
18-3-1944 година
Многу те поздравува твој Мишко