Реквием за ДПМНЕ

Мислење број 120
објавено во Утрински весник
на ден 28 ноември 2009

Долго време се надевав дека нема да ја напишам оваа колумна. Има причини за тоа. Имено, во животот постојат теми кои кај вас предизвикуваат наплив на емоции, работи кои всушност го претставуваат вашиот живот или барем еден голем дел од него. Се работи за ВМРО. ВМРО како феномен, како дел од кодот за преживување на македонскиот народ. Оти јас, а сигурен сум и многумина други така го доживувам ВМРО. Уште посигурен сум дека поради тоа во девееесетите години на минатиот век се приклучија во редовите на ДПМНЕ за да ја продолжат борбата за независна, моредна и просперитетна Македонија. Всушност, ВМРО-ДПМНЕ успеа на почетокот на македонската независност да се наметне како единствен следбеник на идеалите на историското ВМРО. Работата му беше олеснета затоа што денесниот СДСМ пак се прогласи за следбеник на СКМ, и партизнаската номенклатура. Можеби ова е ригидно делење на „територија“.
Претпоставувам дека многумина и нема да се согласат со вакво симплифицирање на работите. Оставам простор и за инакво мислење. Демократ сум. Само сакам да приближам како размислувале многумина. Како размислувала мојата генерација која се бореше за да го симне комунизмот. За да го сруши Бранко Црвенковски и неговата клика, која по 1994 година владееше тоталитарно и без опозиција во парламентот. Убеден сум дека токму поради тоталитаризмот на тогашната власт, со тек на времето и се создаде огромна опозиција во цела Македонија, политичка но и општочовечка. Ниедно човечко суштество, кое е родено слободно неможе да трпи и да не се спротивстави на толчење, на изживување, на прогон, на конечна пресметка и чистење. Така што таа слика на Македонија едноставно ги мотивираше сите македонци да се приклучуваат на партијата која ќе го симне јаремот. Затоа јакнеше ВМРО. Партијата даваше надеж за промена. За подобро утре. На сите нас. Еднашка успеавме да го симнеме СДСМ. Во 1998 година. Меѓутоа не се снајдовме најдобро во власта. А тие сеуште не се предаваа. Иако во опозиција, силно делуваа да се повратат. Наскоро, во текот на војната во 2001 г. успеаја да се протнат во широката влада, која беше создадена да се избегне тотална пресметка на секој со секој.
Идеата е да се објасни дека ниеден тоталитарен систем не може на сила да опстои, па макар колку и да има на располагање средства и структури. Иако еднашка се поврати тој систем во облик на СДСМ, тој сепак конечно беше срушен во 2006 г. Од тогаш навака, ја праќа сметката на насилното и недемократско владеење. Гледаме дека неможе никако да се соземе, па макар што и да направи. За жал, работите со симнувањето на СДСМ не отидоа во поповолна насока. Напротив. Сите ние мислевме дека со паѓањето на таа партија завршила ерата на тоталитаризмот. Дека конечно на власт доаѓа одговорна и демократски ориентирана партија. Иако, за воља на вистината имаше индикации дека и кај Груевски има тоталитарни склоности и пред 2006. Но, ми се чини дека истите се провлекоа од проста причина што сите беа насочени кон условно кажано поголемото зло. Тенденциите беа занемарени.
Меѓутоа еднашка штом власта беше освоена започна спроведување на „планот“ за чистење. Тоа чистеење секако не беше премногу изразено, затоа што првите избори во 2006 не беа добиено со премногу чист мандат, па мораше да се премине на остварување на планот подземно, со повеќе такт, и секако поспоро. Но, планерите сватија дека мора да се „одработи“ јавното мислење, за да се засцврсти позицијата за во иднина. Затоа се потрошија неброени средства на владини кампањи кои го величаа лидерот. Целта не беше подобар живот на граѓаните, туку „конечната пресметка“, но само кога за тоа ќе дојде вистинскиот момент. Додека се водеа беспоштедни кампањи, кои дадоа ефект во процент на испрани мозоци, доволен за да се отиде на предвремени избори, тајно се преговараше со ДУИ. Се потпиша договор кој никогаш не беше обелоденет. Но, за внимателните проследувачи беше јасно дека ДПМНЕ е подготвено на се, како би можело конечно да се пресмета со сите кои не се нивни истомисленици.
За потребите на таа КОНЕЧНА ПРЕСМЕТКА се заборави дека Груевски изјавуваше оти никогаш нема да седне на маса со УЧК и со нивните команданти. На народот му раскажуваа неговите пулени дека е храбра борбата на комитите, Љубе беше херојот, секој ден се леташе до Хаг и назад. Секаде се појавуваа министрите со изјави како ете и тие биле да го посетат херојот Љубе. Беше буквално престиж да имаш можност да се пофалиш дека си бил во Хаг кај братот. Кога тој леташе кон Македонија по објавувањето на ослободувањето, Влатко дури и толку му беше прикачен, што семејството неможеше да дојде на ред да се изгушка. Груевски прв се затрча да се гушка со „предавникот“. Неможеше до љубе да се дојде од данајците. А од друга страна се преговараше со ДУИ. Цело време. Само затоа се сруши претходниот парламентарен состав. За да се овозможи таа партија да се пруклучи по секоја цена на „патриотската коалиција“.
Убеден сум дека сега веќе станува јасно оти едно се прави појавно, кое што се цементира со кампањи, а сосема други се намерите. Намерите, најјасно, конечно беа соопштени во писмото кое беше пратено до членовите на ДПМНЕ (на рака со звонење на нивните врати). Тоа беше направено така за да им стане јасно на тие членови дека секогаш и во други прилики некој може да поѕвони на нивните врати, но и за други цели. Посебно ако одлучат слободно да ја напуштат партијата која ги знае нивните податоци, места на живеење, работните позиции и се што е нивна интима. Можеби за да им стави лента на десната рака? Жолта?
Ова се само некои елелменти на Реквиемот на ДПМНЕ. Оти секоја партија која сака тоталитарно и на сила да владее се знае каква судбина ја чека. Во поновата македонска историја тоа и се случи на СДСМ. Тоа ја чека во блиска иднина и ДПМНЕ. Јас го совладав мојот наплив на емоции, ја совладав мојата тага. Сватив дека ВМРО е во мене. Не некаде надвор, некаде каде што неможе да се допре. Сватив дека ВМРО не е право на некоја си тнр. елита, дека не е бренд. ВМРО е во нас. Или го имаш или го немаш. Тие што сега привремено го искористуваат треба да знаат дека се проѕрени, прочитани. Кога ќе се свртат зад себе ќе видат дека се сами. Ке ги нема вмровците. Ќе остане само криминалот (за криминалот во друга прилика на широко), опустошената земја, тажните лица на излажаните луѓе. Заминувам. Јавно. Гласно. За да знаете.
Всушност, би сакал да видам кој е тој што ќе ми ја земе мојата книшка од ВМРО. Да видам кој е тој што ќе ми каже дека ме отпишал. НЕ! Книшката останува кај мене. Се додека не се вратам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *