ТАЈНОСТ ШТО ЗБУНУВА – мислење 115

Бев на концерт на „Зи-Зи топ“. Да го погледнам тој надалеку и одамна познат бенд. За жал, во Македонија бендови од таков калибар обично доаѓаат кога се на залез од својата кариера и кога се доста подостарени, односно кога веќе не се во можност да наполнат поголеми стадиони и да привлечат повеќе публика во европските градови. Инаку, не сме доста атрактивни за моментно познатите групи од таков калибар. Да ме прашува некој мене, би сакал да го видам во Скопје и Ерик Клептон или пак „Еј-Си Ди-Си“…

Како и да е, добро е што макар и остарени имавме можност да го видиме „Зи-Зи“. Одлични беа, перфектен звук, опрема и, секако, театрален настап. Познатите движења, чекори и од авион видливи бради. За други не сум сигурен, но убеден сум дека тие неколку илјади луѓе што беа таму за момент заборавија на се’ и доживеаја момент на катарза. Ослободување кое е потребно кога те притиска тешка реалност. Посебно беше јак настапот кога по „Фокси лејди“ на Џими Хендрикс темпото на концертот значително се засили. За така да остане до крај на концертот, вклучително и двата биса. Хммм. Како што ја почнав колумнава, на добар пат сум на „хеклерите“ да не им дадам повод да се активираат со припростите коментари кои се задолжени да ги пишуваат.

Прв пат бев во салата „Борис Трајковски“ каде што и се одржа концертот. Морам да признам дека одлично ми изгледаше салата. Голема, обоена во национални бои, пространа. Објект кој навистина Скопје треба да го има. Досега не сум бил во салата, и тоа од проста причина. Првата помисла на таа сала ми е поврзана со политика, со политички спектакл, со фалби и китење со перје за да се спечали некој поен поддршка, односно да се зголеми рејтингот. Нормално дека ниедна политичка елита нема да се откаже од можноста да се фали за се’ и сешто, но во оваа пригода сакав да ги задржам правото да укажам дека кај дел од граѓанството може да се создаде одбојност поради таквото однесување. Не дека нешто тоа ќе промени, но, ете, барем нека биде забележано.

Би било убаво да го имавме како настан помеѓу двете недели, односно двете саботни мислења, само концертот на „Зи-Зи топ“ или, пак, почетокот на Скопскиот џез-фестивал. Тогаш ќе морав да се преориентирам да пишувам критики за музички и културни настани (што воопшто не е лошо). Но, во Македонија, како по обичај, се случуваат купишта настани во само неколку дена. Невозможно е сите да се опфатат во еден текст, а не па да се искоментираат.

Интересно е да се искоментира, од таа перспектива, договорот за демаркација на границата со Косово, кој помина во двата парламента претходниот викенд. Неверојатна врева се крена во саботата, пискотници, закани, пресови. Просто, сите се збунивме. Никој не знаеше за што станува збор. На дело се покажа уште еднаш капацитетот за „тајна дипломатија“. Сметам дека ова прашање со Косово требаше да се затвори. Можеби и многу порано. Нема потреба да се има кавга со соседите. Но, никако не ми беше јасно зошто одеднаш се силуваше парламентот и целата постапка на итна седница, која е свикана неочекувано за време на викенд. Тоа е прашање на кое треба да се бара одговор.

Според мене, Владата требаше уредно да не’ информира сите во државава дека по долги и тешки преговори е постигнат договор со Косово за демаркација на граничната линија. Па, да ни објасни зошто се разменети територии. Сигурен сум дека има некое логично објаснување кое може да се одбрани. Претпоставувам дека без таков компромис и не би било возможно да се затвори ова прашање. Верувам дека морало кај Дебалде да се даде дел од територијата поради некои поплаки поврзани со имот, односно тапии за ниви. Убеден сум дека затоа на Шара, пак, Македонија затоа добила компензација во приближно ист размер. Колку и да изгледа ова спорно, сепак, Владата имаше обврска да го објасни на народот и да ја спушти тензијата на разумно ниво.

Не ми е јасно како се водат беспоштедни кампањи од типот „Ти си Македонија“, „Запиши се во средно школо за да не бидеш казнет 1.000 евра“ или „Многудетно семејство“, односно „Пушењето е штетно“, а не се води кампања која може да ги разјасни недоразбирањата. Од проста причина што на јавноста во овој случај не и’ беше јасно за што станува збор и со денови шпекулира за разни предавства и напуштања на претходно на широко рекламирани ставови за големина и античност.

Појавувањето на трилингот од амбасадори во македонскиот парламент во време кога се протнуваше Договорот беше протолкувано дека тие стојат зад Договорот. Се сложувате? Јас се сложувам, особено ако се знае дека прашањето на Договорот за границата во 2001 година е неразделно поврзано со избувнувањето на конфликтот. Прелистајте си ги повторно весниците од тоа време. Ќе видите дека само неколку дена од потпишувањето на Договорот помеѓу Трајковски и Коштуница започна ситуацијата на границата кон Косово. Значи, на САД и ЕУ премногу им е важно ова прашање да се адресира соодветно, односно да се затвори! Тие држави се прагматични, тие држави ги затвораат ваквите прашања, за да не се повтори конфликтот. Логично. Уште пологично е на усвојување ваков договор да присуствуваат нивните претставници.

И веднаш следуваше вчудовидувачко замолчување. Па да, мораме да замолчиме, тука се претставниците на „големите сили“. Без притоа да разбереме дека тие тука мораат да бидат. Без да разбереме дека на финалето е само протокол да се присуствува. Односно дека претходно треба да се уредуваат работите, да се преговара за да се доведат во корелација со националните интереси. За да бидам конзистентен, можеби вака како што се затвори прашањето и е во корелација со националните интереси. Но, не беше објаснето соодветно. А кога се знае дека Владата сака преку кампањи да објасни дури и банални работи, зачудува постапувањето во овој случај.

П.С. Знаете дека се нарушија плановите за создавање идила во Австралија. Колку чини гаснењето на пожарот во Австралија, каде што беа пратени специјалците од пратеничката група на ДПМНЕ со уште две сопартијки? И кој го плати тоа? Зошто да не се направи една кампања, па да се информираме кој колку троши од државните пари за долги и бесполезни прошетки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *