Филип Петровски од сабота ќе почне да собира 10.000 потписи за неговата кандидатура на претстојните претседателски избори. Тврди дека зад него, односно зад „Македонија блокира“ стојат повеќе од 80 организации и целата македонска дијаспора.
Поништување на Преспанскиот договор, односно на промената на уставното име, поништување на двојазичноста, враќање на илинденските и асномските принципи како темел на основање на нашата држава, и вонредни парламентарни избори, се четирите клучни определби кои Петровски на денешната прес-конференција вети дека ќе ги исполни и нема да отстапи од нив.
„Единствено со вакви тези, со овие столбови може да се победи марионетската власт на Заев. Во овој момент мислам дека и опозицијата е фингирана, договорена со Заев бидејќи Мицковски избра кандидат кој е близок на Бранко Црвенковски и е активист и учесник во левичарски движења, како и активист во рушењето на ВМРО – ДПМНЕ со професорските и студентските пленуми и со шарената револуција“ – рече меѓу другото Петровски.
Одговарајќи на новинарско прашање со кого се ќе преговара за поддршка, информира дека преговара првенствено со членството на ВМРО – ДПМНЕ, а ќе понуди соработка со сите партии кои имаат заедничка цел, како што рече, да се сопре деструкцијата што забрзано се одвива и да се создаде вистинска опозиција што ќе има капацитет да победи на парламентарните избори.
На прашањето дали со неговата кандидатура нема да се раситни опозицијата и ќе и се овозможи на власта полесно да дојде до победа, Петровски потенцира оти очекува целата опозиција да застане зад него и ќе му даде, рече, црвен картон на Мицковски затоа што ја раситнува опозицијата.
Петровски денеска обвини дека изборот на претседателскиот кандидат на ВМРО – ДПМНЕ во Струга бил однапред изрежиран од страна на Христијан Мицкоски.