Финансиска катастрофа во МНР

сабота, 12 септември 2009

Финансиска катастрофа во МНР

Кога минатата седмица пишував за некомпетентноста на министерот за надворешни работи, затоа што тој е насочен кон други работи, не го имав на ум ревизорскиот извештај што се појави деновиве. Меѓутоа, како по обичај, дежурните анонимни викачи (читај: штапски активисти) побрзаа да го денунцираат текстот. Тоа што јас тврдев дека нашиот министер цело време се занимава со вдомување на поблиските и на подалечните роднини, било љубомора. Како што стојат работите во нашето општество, не смее да се критикува нерешавањето на проблемите во областа на надворешните работи од страна на министерот. Во претходната колумна тврдев дека тој дипломатијата им ја препушта на Владата, претседателот, помошниците, пријателите, роднините и за три години не успеа на јавноста да и’ претстави ниту еден сериозен проект. Како по обичај, на тоа нема одговор, бидејќи тој министер на тој начин ја води политиката. Зад паравани, тивко, со кротко лице, пластично насмеан. За да се добие впечаток дека нема сила на мравка да стапне… Тој знае дека е заштитен од силната пропагандна машинерија, која се плаќа со народни пари. Па, затоа и може бесконечно да ја игра улогата на задлабочен и заинтересиран професионалец. Исто така, знае дека со својата беспоговорност и приклонување кон „античкиот македонизам“ ќе си купи наклонетост од својот шеф. Но, поупатените се сеќаваат какви беа неговите ставови пред да стане министер, колку беа промакедонски и зошто беа такви.
Но, наместо да бидам демантиран со некој издржан коментар, всушност, бев потврден во последните седум дена. И тоа од Државниот завод за ревизија. Имено, овој Завод извршил ревизија на МНР за 2008 година за да провери дали финансиските извештаи вистинито и објективно ја искажуваат финансиската положба и активностите на МНР во согласност со законската регулатива и дали државните пари законски и наменски се користеле. Ќе се согласите дека нема побитна работа од законско и наменско трошење на парите што некој друг ги заработува и ги уплатува во вид данок. Се разбира, ова прашање не им го поставувам на партиските апологети, бидејќи за нив се’ е оправдано и дозволено.

Па, еве дел од тоа што ревизијата го утврдила. Околу 20 милиона денари не се вратени од страна на нашите дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) во буџетот на РМ, што е спротивно на Законот за буџет. Од вкупно 54 наши претставништва, само девет постапиле според инструкциите. Се сеќавате дека министерот Милошоски за потребите на пропагандата казни неколку амбасадори со некој процент од платата. Наводно, проценил дека не се доволно активни. Но, не се сеќаваме дека казнил или, пак, на кој било начин обелоденил дека 45 наши претставништва во странство не постапуваат според Законот за буџет и дека не ги вратиле парите. Уште пострашно е што на тоа не реагирал министерот, кој ако се знае потребата за рејтинг и маркетинг на оваа гарнитура, имал исклучителна можност да се пофали со активност.

Потоа, на крајот на минатата година е прикажан нереален вишок на приходи од речиси 8,5 милиони евра. Тоа се средства што морало да бидат вратени во буџетот, според законите, но не е постапено така. Ревизијата утврдила дека е можен пристап во електронската база на податоци на сметководството на МНР, дури и по завршувањето на фискалната година. Тоа упростено значи дека секој може, според потреба, да ги менува податоците за да прикаже состојба каква што му одговара. Тоа создало мешање на податоците и неможност хронолошки да се провери како настанале трошоците. Да потсетам, менувањето на податоците во деловните книги е спротивно на Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници. Ревизијата наведува дека и во 2006 година е констатирана истата состојба, но министерот, како одговорно лице, не презел активности за нејзино надминување. А требало да побара од Јавното обвинителство, преку испраќање на извештаите на ревизијата, да отвори истрага, кој е виновен за потрошените пари.

Просто зачудува фактот дека МНР, огромна државна институција, која троши многу пари, да нема соодветна примена на сметководствени политики и начела. Понатаму, ревизијата не добила доволно докази со кои би се уверила во целосноста и точноста на остварените приходи од конзуларното работење на нашите ДКП. На крајот на минатата година не бил извршен попис на неупотребените налепници и на патните листови (по сериски броеви), поради што не може да се утврди дали сите издадени визи и патни листови се наплатени. Индикативно е неутврдувањето на висината на трошоците при давањето услуги во нашите ДКП. Со тоа им се овозможило на нашите претставништва секое да наплатува според свое наоѓање. Ова е спротивно на упатството за надоместок на трошоците. Бидејќи министерот не ги утврдил трошоците со официјален акт, им оставил отворена врата на амбасадите и на конзулатите да го прават тоа според своја процена. Токму затоа ревизијата утврдила дека таа услуга е наплатувана по различна цена во различни ДКП. И затоа сега не може да се провери што и колку е наплатено кога се издавани визи и патни листови. Сите ДКП, парите што ги собираат, се должни, по завршувањето на месецот, да ги уплатат во буџетот на РМ. Но, и тоа не се правело. Тоа е спротивно на Правилникот за финансиско и материјално работење на ДКП на РМ во странство. Министерот, дури и да е аматер, по три години работа во тоа Министерство мора да ги знае овие работи… Тука ќе застанам поради ограничениот простор, но само за оваа недела. Ќе продолжам идната седмица, затоа што има уште многу материјал во извештајот на ревизијата, кој сметам дека треба да го има на увид македонската јавност.

Интересно е сега да видиме дали Антонио Милошоски е човек од внатрешниот круг на премиерот, како Јанакиески, кому му беше отфрлена оставката дури од Кина, а што ја даде поради катастрофата во Охрид. Ова го велам од едноставна причина што, ако е така, тогаш се’ може да му се прости. Особено трошење државни пари, како и на Миле. Нормално реагирање од страна на премиерот, пак, би било да побара оставка од министерот и да му предложи на обвинителството детаљно испитување на трошењето на парите во МНР, но и како се прикажуваат трошоците во финансиските извештаи. Верувам дека Груевски тоа нема да го направи. Тој ќе ја истолерира некомпетентноста на Милошоски затоа што овој во поголемата игра, за да ја држи фотелјата, ја игра својата улога на безгласна буква. За жал, сето тоа на штета на интересите на Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *