Шако Полумента (или како се пере мозокот)
Можеби нема да ви се допадне, однапред се извинувам, но морам овој текст да го почнам со критика на наглиот и неконтролиран наплив на турбофолкот, кичот и шундот од север. Како внимателно испланирана инвазија, започнаа „на кило“ да ни доаѓаат разни Џенани, Шаки Полументи… Она што го слушам како оправдание е дека тоа било лукративно, на тој начин се заработувало повеќе, односно на таа музика (ако е музика?!) се пиело повеќе. Па, затоа газдите можеле да се надеваат на подобар економски резултат. А, всушност, кога тоа е во прашање, не требало да се има скрупули од никаков вид. Еднаш вака дадено објаснувањето отвора врати за цело Скопје да биде излепено со плакати. Насекаде билбордите ни го покажуваат некојси Шако Полумента како ни се смешка. Веројатно затоа што ќе допатува во Скопје. Морав да го сликам, додека чекав зелено светло на семафор, за да разгледам детално за што станува збор. Зад Шако на огромните билборди се смешка разголена девојка, која ве гледа во врвот на очите. Веројатно сака да ви каже дека ќе можете и неа да ја видите ако отидете да го погледнете Шако.
Тоа е повеќе од видливо испланирано играње со инстинктите на потсвесно ниво, се разбира, ако сакате да видите. Се очекува публиката да реагира анимално, да збесне, што само по себе исклучува резонирање и контрола. А, како што кажавме, ако нема контрола, нема ниту штедење. Ако не го слушате Шако, ќе можете да ги гледате облините на неговата придружба. Значи, ќе имате можност да се задоволите. На овој или оној начин. И не е само Шако. Се појавија флаери што ви ја планираат целата недела. Ако не го погледате Шако, можете да го слушнете Џенан или некој сличен. Во време кога Србија прави напори на државно ниво конечно да се ослободи од турбофолкот, кога во Белград им се гади од таков тип музика, во Македонија се прогласува целиот правец за врвно достигнување. За жал. Да потсетам, по првото доаѓање на ВМРО на власт, во едни други времиња, на оваа појава и се застана на патот – организирано. Министерот за култура воведе посебни давачки на „продавачите на ѓубре во форма на музика“. Сакаш да настапуваш во Македонија – може. Таксата е 10.000 евра. Тоа за некое време ги одврати нападите од север на ова поле. Секако, дел од јавноста, посебно оној „навлечениот“ на таквите ритми, протестираше. Но, потоа се повлекоа, за сега се’ да се преврти на глава. Затоа можеби не е лошо да се потсети Министерството за култура или некоја друга државна институција дека е потребна заштита на културниот македонски простор.
Бидејќи се љубители на пропагандата и правењето кампањи за се’ и сешто, еве одлична можност да се направи уште една кампања. Нека му се објасни на народот каква вредност има турбофолкот и нека се обидат да го измијат повторно веќе долги години измиениот мозок, кој е ептен подготвен да ги прима тие вибрации. Еве, ветувам дека таа кампања нема да ја напаѓам, односно ќе ја поддржам нејзината оправданост, па макар да чини и еден милион евра. Што не е далеку од чинењето и на другите кампањи.
Или работите стојат поинаку? Па, се смета дека е добро „рајата“ да биде поднапиена, распуштена, олабавена, па и издрогирана во време кога ќе се носат значајни одлуки за иднината на државата?! Да не заклучило нашето државно водство дека е добро вниманието да е свртено настрана кога ќе се излезе со предлог за промена на името оти „така морало да биде“? Не сум премногу голем љубител на теориите на заговор, но по неколкугодишното следење на тактот на оваа власт, односно на начинот на кој се донесуваат големите одлуки, морам да кажам дека не е лошо да се имаат и тие теории предвид. Еве само мала илустрација. Околу Македонската енциклопедија се крена таква расправија, со митолошки димензии, па ваква била, па таква била… И, оп, се затвори прашањето за границата со Косово. Додека да се свестиме кој го напишал делот за оној, се размени територија со Косово. Се сеќавам пред некои седум години Љупчо Георгиевски спомена размена на територии и, за среќа, не заврши на клада. Но, малку недостасуваше. Мммм, каде се сега тие критичари, мислам на оние новинари што не завршија како портпароли на разни министерства, окрузи, секции на месни заедници? Каде се сега да проанализираат што се случи со границата. Дали тие воопшто биле новинари? Или биле тезгари што се продаваат за неколку стотици евра.
Ако се согласите со мене дека се прави намерна замена на тези, тогаш и главниот настан од оваа недела совршено се вклопува во поголемата слика. Имено, како бомба се пушти во јавноста информацијата дека се договорени пензии за борците на ОНА. Разбирливо, реакциите се и повеќе од жестоки. Посебно на оние групи луѓе кои се директно тангирани од овој случај. Мислам на бранителите и на семејствата на загинатите и ранетите во војната во 2001 година. Но, не ќе да е далеку сентиментот и на остатокот на нацијата по ова прашање. Не треба многу надареност за анализа за се сфати каква ќе биде реакцијата по ова прашање, кога ќе и’ се протне „онака случајно“ на јавноста. Господарите на пропагандата сигурно знаат дека атмосферата толку ќе зоврие и сите ќе се насочат про и контра по ова прашање, што безмалку без интерес може да помине се’ друго.
Деновиве од сите страни расте притисокот да се реши проблемот со името, во пресрет на декемврискиот Совет на министри на Унијата. Јасно е укажано дека само на тој начин Македонија може да се надева на датум за почеток на преговорите. Како што притискаат страниците, така гледам притиска и ДУИ. Тие го мереле времето во милисекунди. Но, премиерот е во незгодна ситуација. Тој неколку години наназад ветува референдум по ова прашање и гради имиџ на последен бранител на името. Како сега да направи „салто мортале“? Како да се префрли на колосекот на кој нема референдум и истовремено да прифати варијанта за промена на името? Навистина сега е тешко да се биде во негова кожа. Иванов се обидува да му олесни, па споменува дека референдумот не е морален. Но, поради агресивната повеќегодишна кампања сега е тешко за волку кратко време да се избрише сеќавањето на ветувањата на премиерот.
И сега што? Па, просто. Дајте му на народот нека се занимава со пензиите на ОНА. Нека се концентрираат на тоа прашање, за да не се сетат што, всушност, се случува под површината.