Вака известија медиумите:
Mакедонското Собрание со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Во Уставниот закон се пропишува дека амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија влегуваат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
Со амадманот XXXIII во Уставот на РМ зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“. Другите амадмани се однесуваат на промените во Преамбулата, на гарантирањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и на грижата за дијаспората.
„По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на горенаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа Спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа Спогодба“, се вели во Конечната спогодба, односно во Договорот од Преспа.
*
Владата на РМ го поднесе текстот на Предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI на Уставот на РМ, заедно со Извештајот за резултатите од јавната дискусија по Нацрт-амандманите, во Собранието на РМ. Покрај текстот на Предлог-амандманите, поднесен е и Уставниот закон за спроведување на амандманите. Според собранискиот деловник, амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. На донесувањето и прогласувањето на амандманите, исто така, претходи постапка која е регулирана во Деловникот на Собранието на РМ.
Овие амандмани, се вели во текстот на Предлог-амандманите, се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
АМАНДМАН XXXIII
Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.
АМАНДМАН XXXIV
Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.
Со овој амандман се вршат измени во Преамбулата – Амандман 4 на Уставот на Република Македонија.
АМАНДМАН XXXV
Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.
АМАНДМАН XXXVI
Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.
Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината.
Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со овој амандман се заменуваат членот 49 и амандманот 2 од Уставот на Република Македонија.