Утрински весник одамна не постои, како и неговиот веб сајт. Базата на вести и податоци којзнае каде отиде (поѓаволите)… За среќа сочуван уште еден фрагмент од тоа што минатите децении сум го работел, а на кое што секако се гордеам.

***

Директорот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, говори за реализираните проекти:

Разговараше НЕВЕНА ПОПОВСКА

Од Вашето стапување на функцијата директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ евидентна е зголемената активност во Библиотеката. Кажете ни кои се проекти сте ги реализирале досега и колку сте задоволни од постигнатото?

– Започнавме со реализација на повеќе проекти. Мојата главна определба беше дека Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е институција која што заслужува свое место под чадорот на културните институции на градот. И се чини дека ако се погледнат статистичките показатели, кои што редовно секој месец ги правиме, сме на правиот пат. Имено, зголемен е, на годишно ниво бројот на членови во библиотеката за над десет проценти, а слична е бројката во проценти и со издадени книги. Тоа пред се се должи на променетиот начин на работење и на новиот однос кон самата институција. На сите вработени им беше укажано дека самите мораат да се борат, со својот однос за подобриот имиџ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Тоа значеше активирање на целокупниот потенцијал на библиотеката во повеќе насоки. Лично сметам дека менаџирањето со човечкиот потенцијал е од круцијално значење за еден ваков радикален исчекор кон позитивните показатели.

Дозволете само да набројам дел од проектите кои што ги започнавме, кои се во тек, и од кои некои веќе дадоа видливи резултати. Започна и процесот на конзервирање и заштита на старите и ретки книги, кои датираат од 16, 17, 18, 19 век, истите во Библиотеката имаат музејски карактер и на тој начин се достапни до читателите. По долга и напорна кореспонденција со многу надлежни институции, помеѓу кои и Владата на РМ, градоначалник на град Скопје, МИА и други успеавме во Градската библиотека ,,Браќа Миладиновци” да ја пренесеме хемеротеката на Нова Македонија, која што сега ја чување за сите наредни генерации. Во фондот на Нова Македонија се наоѓаа и над 15000 книги кои што не се пресметани како бројка на новокупени книги. Интернет страницата на библиотеката, секојдневно е посетувана од читатели, кои можат да се информираат за сите активности во библиотеката и да се поврзат со други линкови и институции. Библиотеката спроведе низа мерки за доближување на книгата до читателот, а тоа се: зголемување на книжниот фонд од ноември 2005 до јуни 2006 година за 20.000 новокупени книги, а со тоа, рапиден пораст на корисниците и зголемен број на издадени книги. Сите најнови наслови од областа на белетристиката, научната литература, а секако и литературата за најмладите читатели, сега можат да се најдат во Градската библиотека ,,Браќа Миладиновци”.

Филип Петровски
Градска Библиотека Браќа Миладиновци
2006 година

Секако да го споменеме и новогодишниот саем на книгата кој што се надеваме ќе стане традиционален. Сето ова ми дава за право да изразам задоволство од досегашниот тек на работата, и мотив за уште поголем ангажман во идниот период.

Најновиот проект е насловен „Македонско благо“ е-книга. За што поточно станува збор и дали го реализиравте со сопствени средства?

– Ова е ЦД кое што содржи 12 книги во електронска верзија. Овој проект е инициран со моето доаѓање во Градската библиотека ,,Браќа Миладиновци”и се наоѓа во епицентарот на мојот интерес во насока на стратегија за развој на библиотеката, ако се имаат предвид модерните трендови, глобализацијата и дигитализирањето на културното богатство на западната цивилизација. Овој проект секако ќе се одвива во периодот 2007-2011 година во континуитет и со се поголема динамика.

Истакнувам дека сите дигитализирани книги се наоѓаат на веб-сајтот на Градската библиотека ,,Браќа Миладиновци” и се 24 часа достапни за превземање, кое што е бесплатно, од секаде во светот. Со ова сметам дека ја исполнуваме патриотската обврска за долевање и одржување на високо ниво на супстанцијата на нашата нација. Ова бројка наскоро ќе премине 50 книги. Во наредниот период ќе направиме обид овие книги да се најдат на сите релевантни светски веб-сајтови кои што го собираат светското културно богатство од типот на и . Со тоа уште повеќе ќе ги доближиме на нашата диаспора овие наслови кои што се дел од фондот на Градската библиотека ,,Браќа Миладиновци”.

Во списанието „Библиотечен спектар“ кое по подолга пауза повторно се печати поместени се прилози кои говорат за постоењето на библиотеки во „Жена парк“, чекалната на железничката станица, во градскиот парк итн. Во минатото тоа биле интересни локаци. Планирате ли во иднина да реализирате некој ваков проект?

– Кај нас во библиотеката веќе се водат дискусиии на тема како да се оживеат старите библиотеки, како тие да се приближат на пошироката публика и дали да се отвораат летни подвижни библиотеки на кејот на Вардар и во градскиот парк?! Јас сметам дека тоа се релевантни дискусии и најавувам дека наредното лето ќе ги изненадиме пријатно скопјани со реализација од ваков тип.

Во рамките на Библиотеката функционираат Американското, Италијанското и Грчкото катче. Каква е соработката со нив?

– Нашата комуникација со овие катчиња е на високо ниво и посебно сум радосен што тие функционираат во рамките на нашата библиотека. Морам да ве известам дека во меѓувреме се отвори и српско катче, а моментно сме во преговори со уште две Амбасади од Скопје за нови културни катчиња. Интересот на странските држави е голем. Тие сакаат да ја претстават својата култура во Градската библиотека ,,Браќа Миладиновци”. Нашата патриотска обврска е да им укажеме гостопримство и да манифестираме високо ниво на култура и цивилизациско однесување. Морам да истакнат дека нашата соработка е на високо ниво и со културните центри кои што не се во склоп на библиотеката, како што е францускиот или пак британскиот културен центар, и секако и други.

Неодамна во дворот на Библиотеката беа поставени штандови за продажба на книги. Постоеше идеја тие да бидат внесени внатре во холот на Библиотеката со цел постојано да функционираат. Можеме ли во иднина да очекуваме такво нешто?

– Пазарот на книги на старо е идеја што ја имам од првиот ден на работа во библиотеката. Тоа културен симбол што го имаат сите вистински метрополи. Ние во Скопје тоа досега го немаме, а услови постојат. Затоа во јавноста, но и кај сите надлежни органи подолго време ја туркаме идејата за таков пазар во библиотеката. И најавувам дека оваа идеја ќе продолжиме да ја туркаме се до нејзино реализирање, што ми се чини дека е блиску.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *