Оваа недела започнав со нов пристап на Интернет. Ги читам дневните весници, сечам, го одвојувам она што го сметам за релевантно. Потоа ги скенирам исечоците и ги закачувам на Интернет, на мојата страница на „Фејсбук“. Ова го правам зашто знам дека малку се читаат весници, или ако се читаат, тогаш тоа е парцијално, односно се избира некој од нив. Од друга страна, бидејќи со години ги читам сите дневни весници, во предност сум да издвојам нешто полесно, тоа што може да биде интересно и за нашите интернетџии.
Откако ќе ги поставам текстовите на „Фејсбук“– отворам расправа. За да се продискутира про и контра тоа што е напишано. Мислам дека суштина на демократијата е да се дискутира, односно да се промислува тоа што ни е пренесено како информација во весниците. Сум забележал дека кај нас се случува обратно, никој не ги доведува во прашање информациите и ако прочитате нешто во весниците, секогаш го земате како сигурна вистина. Често се случува да забележам дека некој изнесува рециклирана информација од весниците како негов став, за кој е подготвен да се бори до крај. Па затоа, за да се доведат во прашање овие поставки, за да се доведеме во состојба на „сомнеж“- што е филозофска категорија, сметав дека е добро да отворам една „агора“ (во овој случај Интернет-плоштад), да создадам на мојот ѕид на нет.
Како за почеток се решив да издвојам една карикатура од легендарниот Пецко, кој, патем, и мене ме има задевано во неколку наврати. Но, не сум се налутил, туку напротив, сметам дека такви карикатурални, стрипувани објаснувања на нашата политичка и општествена реалност треба да има што повеќе. Некогаш многу полесно се објаснува реалноста со една слика отколку со 1.000 зборови. На карикатурата има десетина ликови кои носат медицински стерилни маски. Првата асоцијација кога ќе ја погледнете карикатурата е дека станува збор за ситуација поврзана со свинскиот грип. Нели, сега тоа е модерно насекаде каде што оваа болест е масовно раширена, да се носат вакви маски. Но, мајсторот Дар-мар луцидно вметнал текст на карикатурата кој нема врска со грипот. Имено, Пецко прашува еден од нацртаните ликови – „а зошто мислиш дека се членови од партијата на власт?“. Тој му одговара – „затоа што не можат да зборуваат“.
Кога го видов ова многу ме интересираше како ќе реагираат луѓето на карикатурата. Ја подигнав на нет. Првата реакција беше „во целост се согласувам со ПЕЦКО“, а следната „АПСОЛУТНА НЕВИСТИНА И ГЛУПОСТ!!!“ (коментарите се пренесени така како што се типкани на нет). Уште на почетокот се подели мислењето, што е сосема нормално. Затоа што секој од нас на различен начин ја доживува реалноста. Е токму тука е поентата на Пецко, која ја сметам за генијална. Имено, кога станува збор за партијата на власт тој прикажува дека членовите не смеат збор да кажат, односно дека за нивното мислење постои блокада, со што апсолутно се согласувам. Сведок сум, а и возрасен човек, дека слободното мислење се супресира во владејачката партија и секој што мисли и најмалку различно, се става на столбот на срамот. Сведок сум дека нема демократија и дека луѓето кои денеска таму ја држат власта, а со тоа и власта во целата држава, односно ја имаат контролата врз нашите животи, немаат ниту трошка капацитет за слободно размислување. Тоа и не е толку чудно, затоа што сите се избирани по „споил“ систем, односно по покани во медиумите се појавиле на интервју во штабот. Интервјуата ги водат некомпетентни и претходно инструирани ликови, со задача најлесно да ги изберат контролабилните кандидати. Пишував јас на оваа тема пред околу една година. Прелистајте ја колумната „Фала ти Влатко“ за да се присетите како си поминав на интервју што го водеше студентот Влатко Ѓорчев. Инаку, на интервјуто отидов за да соберам искуство и информации како се води целиот процес. Па затоа релевантно и по таа основа можам да тврдам. Знаете, јас не сум „смрдлив СДСМ-овец“ кој можат да го денунцираат лесно. Јас им го знам системот однатре. Токму затоа и можам со поголема прецизност да ги лоцирам, односно да ги претставам состојбите.
Секако, во последните три и нешто години, откако ДПМНЕ е на власт, состојбите драстично се сменија на полошо. Врвот којшто го приграби власта во државата, ја извади маската на благопријатна личност која сака да дојде на власт за да ви ги реши проблемите и си го покажа вистинското лице. Лице на тоталитарно владеење, без право на коментар и мислење, каде што ако напишете и еден ред кој не е на линија на создавање привид на совршенство, вие сте отпишан. Секој обид за каква било демократизација е илузија. Знам дека илјадници членови на ДПМНЕ, вистинските вмровци, се’ уште се надеваат дека ова е само период на слабост, дека партијата не се претворила во Левијатан и дека наскоро ќе стане нормално место за работење и, ако сакате, живеење. Тие се поврзани со партијата со емиции, со години од своите животи, дадени за да се направи нешто подобро. Затоа сега кога гледаат како се менуваат работите, како се создава аждер, не сакаат да поверуваат и се подготвени и лошото да го прифатат.
Како мала илустрација ќе наведам уште неколку коментари од Интернет. Се разбира поседувам копии кои можат, ако затреба, да ја потврдат веродостојноста. На Т.Т. му напишав – „Сите молчат. Пратениците на ДПМНЕ имаат потпишано бланко-меница, која може да им биде активирана во секој момент, на огромни суми изразени во евра. Токму за да молчат. Не смеат да писнат во парламент. Безгласни букви се.“ На тоа тој ми го напиша следново – „ Види Филип, го знам тоа за мениците. Но, тоа е од една единствена причина, за да не пребегнуваат во други партии и да не прават нови партии. Да не заборават кој таму ги поставил. А што не говорат многу, тоа е партиска стратегија за да може да минат законите, бидејќи ако одговараат на сите глупости на СДСМ, тогаш седниците ќе траат бесконечно…“. Чиста потврда, како солза.
Ете како се практицира демократија во Македонија. Пратениците (како во карикатурата) се безгласни букви. Тоа го знаат веќе и малите деца. Не смеат ништо да коментираат доколку тоа не им е напишано од врвот. Ова е демократија или демонкратија? Проценете сами. Но, ставете се во контекст на една Англија или Германија, односно тамошните пратеници кои се носители на системот и легитимитетот на државата. Замислете ги како марионети кои се контролирано во секој момент. Затоа е толку силна и значајна карикатурата на Пецко, неговото опишување на реалноста за демократијата во Македонија.
П.С. Во најмала рака е срамно и бедно она што се случува со бранителите и професионалните војници, односно како се третирани од државата што ја бранеа и ја бранат. За случајот ќе имам посебен текст.