ПОЧИТУВАНИ ДАМИ И ГОСПОДА,
ДРАГИ ПРИЈАТЕЛИ
Ми се укажува посебна чест и задоволство да ги промовирам, за прв пат пред македонската јавност (заедно со проф. Цуцуловски), двете книги на младиот автор Филип Петровски, “За нас” и “Уште еднаш, за нас”. Велам млад автор, филозоф по универзитетска наобразба-диплома, но по вокација политичар, дипломат и публицист, човек кој веќе длабоко ги искуси политичките премрежиња на македонската пролет во осамостојувањето на нејзината државна сувереност и неизбежната македонска политичка и економска транзиција, што за жал, сеуште продолжува, и кој истовремено беше непосреден учесник, активист, протагонист и практичар во создавањето на таквите македонски историски процеси, но и жртва со неодминливо големи и длабоки лузни.
Книгите, чии што автори лично ги познаваме, полесно ги восприемаме – не само затоа што напишаното во текстот веќе сме го допреле преку разговорите, туку и зашто пошироко можеме да навлеземе во длабочините на авторовите размислувања и ламентирања за минатите и сегашниве македонски времиња и невремиња. Среќата лично да го познавам авторот на овие две книги, ми дозволува да кажам нешто повеќе за него, а секако и за неговите книги кои произлегуваат од неговиот внатрешен порив.
Токму овие две книги, почитувани присутни, говорат за еден млад човек, кој како студент на скопскиот Универзитет беше беспоштедно втурнат во виорот на македонските политички борби. Или поточно, со својот младешки жар и идеалистички елан, но со изградена патриотска самосвест и национална посветеност, свесно се вклучи, односно се препушти на предизвикот на неизвесните и жестоки македонски плуралистички собитија.
А како што секој си е творец на својата судбина, креатор на својата иднина, така и младиот Филип Петровски си го одбра својот животен пат. Не спокојно, тивко и мудро како средношколски професор по филозофија или можеби асистент на Универзитетот, туку, како што видовме на видеобимот, како лидер на студентската и средношколска младина, во протести, со глад и жртвување на сопствениот живот во студентскиот шатор, потоа во борбата за демократизацијата на македонската држава во клупите на македонскиот Парламент, па на барикадите во одбрана на татковината и во дипломатијата во борбата за заокружување на македонската државност.
Неговата популарност меѓу средношколската и студентската младина и настапите од говорницата на македонскиот Парламент ќе му донесат и низа непријатности од страна на владеачката СДСМ. Власта уплашена од младиот трибун, но искусна во своите болшевичко-комунистички методи, ќе го следи и прислушкува, па дури и ќе му отвори политичко досие, под шифра “Марта”, и покрај тоа што со Уставот на демократска, самостојна и суверена Република Македонија од 1991 година беше забрането водење на политички досиеја.
УДБК од Куманово по линија МАКЕДОНСКИ ЕКСТРЕМИЗАМ го заведува ФИЛИП ПЕТРОВСКИ
Токму овие две книги, за кои сме собрани вечерва, се свовевиден исповед на еден млад човек-политичар, напоени со длабоки внатрешни чувства, со емоции и внатрешен емотивен импулс, што се огледало на моралните и етички одлики на Филип Петровски, на неговата борба за просперитетна Македонија. Истовремено, овие две книги се и жесток протест, гнев, револт, апел и лозунг за освестување на неосвестените, за надминување и решавање на актуелните политички состојби и жесток судија и обвинител на неправдите, импровизациите, заговорите, криминалот и на се што е антидржавно и антимакедонско. Или поточно, против сите оние кои посегаат по дигнитетот и сувереноста на Македонија, кои ги конзервирааат и попречуваат демократските процеси и ги злоупотребуваат човековите права и слободи.
Можам слободно да констатирам, пред се, како историчар, дека овие две изданија, не се само книги на исповед и протест на Филип Петровски, туку се и своевидна хроника и, еден вид, македонска политичка сага за состојбите во Република Македонија за периодот 1995-2005 година. Во отсуство на официјални државни и архивски документи, овие две негови книги можат слободно да им користат на сегашниве и идните проучувачи на политичката историја на Македонија во наведениот еднодецениски период.
Уште повеќе, овие две книги, се разбира според мене, треба да преставуваат и учебно помагало за историјата на македонското “независно” новинарство и на македонската “професионална” дипломатија, за тоа на кој степен беа, за жал и сеуште се, македонското новинарство и дипломатијата.
Двете книги на Филип Петровски “За нас” и “Уште еднаш, за нас”, пред се, се автобиографски исповеди, односно говори, интервјуа, написи и колумни за неговиот еднодецениски политички ангажман, од 1996 до 2005 година и се наменети ЗА СИТЕ НАС, бидејќи говорат за процесите на политичката историја на Македонија, да не потсетат за сите оние македонски бурни премрежиња, чиј учесник и активен протагонист беше самиот тој.
Првата книга под наслов “За нас”, објавена во 2002 година, на 334 страници, содржи еден подолг Вовед, 34 поднаслови, главно неговите интервјуа во дневните весници и говорите како пратеник од Собранието на Р. Македонија, како и неколку прилози. Временски книгата го опфаќа неговиот 5-годишен политички ангажман, од 1996 до 2001 година.
Во Воведот и во Предговорот на двете книги е содржана и подробно објаснета пораката и авторовиот предизвик да се зафати со пишувањето на овие книги. А тоа е, според интимната исповед на Филип Петровски, внатрешната потреба на неговиот дух кога почнал активно да се вклучува во “политичките текови на ВМРО-ДПМНЕ” и со едноставна цел, како што вели тој: “Да придонесам, за да помогнам да се промени режимот кој ја беше најавнал жална Македонија”.
Во Воведот на првата книга од 55 страници, авторот не воведува во неговите први политички чекори во ВМРО-ДПМНЕ, во период на монополизам на македонската политичка сцена, без парламентарна опозиција во Собранието на РМ, кога ВМРО-ДПМНЕ во 1994 година ги напушти изборите. Потоа, со хронологијата на познатите студентско-средношколски протести, во кои Филип Петровски беше на чело од долгите и непрегледни колони, студентски движења какви Македонија не забележала во својата историја, најмасовни и најдолги кои траеја цели 30 дена, а кои потсетуваа на големите париски и белградски студентски протести од 1968 година. Причината беше, најпрвин да се разбие доминацијата и континуитетот на комунизмот, инсталиран од СДСМ во студентската организација, а поводот Законот за Педагошкиот факултет, со кој се предвидуваше студентите-Албанци да се образуваат само на албански јазик, спротивно на постоечкиот устав на РМ. Измамени од власта дека ќе го повлече Законот, протестите завршија, како што е познато, со глад во подигнатиот шатор во паркот “Жена-борец”, спроти Собранието на РМ, каде на младите суденти им даде подршка целата македонска опозиција и најголемиот дел од универзитетската-интелектуална средина.
Упорноста во протестите и штрајкот со глад ја принуди владеачката партија и парламентарно мнозинство да му дозволат, за прв пат во историјата на македонскиот повеќепартиски систем, да проговори од говорницата на македонскиот Парламент. Во тој историски говор, емотивен и бунтовен, со рефлексија на барањето правдина и со огорченост од измамата, присебен, одлучен и аргументиран, што со внимание беше проследен од целата македонска јавност, тој отворено и гласно ќе побара оставка од министерот за образование и од целата Влада.
Најголемиот дел од втората книга ги содржи неговите настапи од говорницата на Собранието на РМ, вкупно 31, како пратеник на првото парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ во македонската политичка историја. Неговите настапи од македонскиот Парламент се и први собрани и објавени стенографски говори на еден пратеник, што претставуваат и први историографски документи за работата на Собранието на РМ, што за жал, во нашата современа македонска политичка историја отсуствува. Патем, да потсетам дека Собранието на РМ ги нема објавено стенографските белешки од 1990 година наваму, па ниту оние од 1945 година, како што тоа, впрочем, го има во сите држави коишто си ја почитуваат својата историја.
Во мојата научноистражувачка работа имав можност да ги проучам стенографските дневници на народните собранија на Кралството Југославија и Царството Бугарија меѓу двете светски војни. Можам слободно и аргументирано да истакнам дека говорите на Филип Петровски, по познавањето на проблемите и начинот на размислувањето и искажувањето, со давањето рационални одговори, по својот елоквентен настап и доследност и упорност во бранењето на своите ставови, по својата емотивност и борба за правичност и вистинитост, напати и со примерна доза на лутина, гнев и бес, по својата критичност и полемичност, а особено по својата подготвеност и луцидност да одговори на не секогаш пријатните реплики, тој во ништо не заостанува зад истакнатите политичари, дипломати и државници во предвоена Југославија и Бугарија.
Во бранењето на националните и државни интереси, без калкуланство и политиканство, и во борбата за спроведувањето и почитувањето на демократските процеси во државата, тој, и покрај тоа што беше пратеник на партијата на власта, ВМРО-ДПМНЕ, значи на парламентарното мнозинство, настапуваше и во улога на критичар и опозиционер.
Неговите настапи од говорницата на македонскиот Парламентот не само што го окупираа вниманието кај опозиционите пратеници на СДСМ и на ПДП, туку и ја вжештуваа атмосферата во салата, предизвикуваа вознемиреност, нервоза, разјареност и кулминираа со провокации и дофрлување, неосмелувајќи се да му реплицираат, па дури и ја напуштаа салата, како што тоа на една седница кукавички го стори и самиот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски (на 85 седница, одржана на 20 септември 2001 г.).
Својата одданост кон татковината, одбраната и зачувувањето на територијалниот интегритет на државата, за време на воениот конфликт во 2001 година, младиот пратеник Филип Петровски, за разлика од неговите врсници од опозицијата кои спокојно гледаа од своите партиски штабови, па дури и ја избегнаа воената обврска (Кондарко) и мирно летуваа на Халкидики (Бучковски), тој (заедно со својот колега од парламентарната клупа, Пандов) ја докажа со облекување на воената униформа и заминување на Тетовскиот фронт, што во овие негови книги, секако од скромност, не е истакнато.
Втората книга “Уште еднаш за нас”, издадена само пред околу еден месец, содржи 228 страници, композициски поделена не еден содржаен Предговор и на 60-етина поднаслови, што се однесуваат на неговите објавени и необјавени написи и колумни, и на повеќе писма упатени, во својство на генерален конзул на РМ во Њујорк, до надлежните држани органи и функционери во РМ.
Објавените текстови, и покрај тоа што опфаќаат широк спектар на прашања, теми, поводи и актуелни случувања, главно, можат да се поделат на неколку групи, односно тематски целини.
Неговите први младешки текстови, и покрај тоа, што и самиот признава во Предговорот дека се полни со наивност, емотивност, енергија и радикалност, сепак допираат до обичниот човек и нудат решенија што не се ирационални, недостижни и метафизички.
Втората група на текстови се однесува на неговите колумни објавувани во весникот “Дневник” и магазинот “Фокус”, во 1997-1998 година, до пред парламентарните избори, во улога на опозицинерен набљудувач и критичар на најактуелните појави во државата, како што се: невработеноста, незаинтересираноста и неспособноста на власта да ги реши проблемите со привременото име, со политиката со соседните држави, со визите, спротивствувувајќи се, како што напиша во една од овие колумни, на сите здружени сили од власта што сакаат “да ја потопат Македонија”. Речиси сите овие колумни како да се пишувани денес, бидејќи сите спомнати прашања сеуште се нерешени и актуелни.
Понатаму, во неколку написи и колумни, исто така во предвечерието на парламентарните избори во 1998 година, центар на вниманието на Филип Петровски се поведението на власта, односно на СДСМ и на нејзиниот лидер Бранко Црвенковски пред изборите, злоупотребите и сеењето магла да се придобијат гласачите, притоа, храбро прогнозирајќи, педесет дена пред изборите, дека СДСМ катастрофално ќе ги загуби изборите, и тоа, како што вели тој, “максимално и жестоко, како што само тие заслужуваат и си го бараат”. Во тие моменти, ќе проговори и неговото “вјерују” со оптимистичката верба и искрениот апел дека “доаѓа време кога работите можат да тргнат на подобро, дека доаѓа време на промени за достоинствен живот”.
Во истите овие написи, Филип Петровски со право ќе му забележи на тогашниот лидер на СДСМ и премиер на Владата, Бранко Црвенковски, дека Македонија не е “територија на чудата”, туку држава на “несигурност, страв од затвореност, изолираност, бесперспективност, сивило, распад, пониженост, корумпираност”. Историјата како да се повторува, почитувани присутни! Сето ова што пред осум години го пишуваше младиот Филип Петровски денес повторно ни се случува, односно се повторува во редовите на СДСМ, и тоа од новиот лидер и премиер на Владата, Владо Бучковски, со неодамнешната изјава во Брисел дека “Република Македонија е мало чудо на Балканот и да ја немаше, ќе требаше да биде измислена”. Но, Македонија не е “мало чудо”, туку “големо чудо”, се разбира според “брендовите” на Бучковски: половина милион граѓани живеат во сиромаштија, со стапка на невработеност од 37,2 %, со 6.000 стечајни работници, со 70 % семејства што живеат од социјална помош и пензија, со највисок степен на корупција и криминал. А дали Македонија требаше да биде измислена?, кога таа постои повеќе од два века, со своја историја и автентична култура, што се и единствени брендови за европска Македонија.
Далеку од Македонија, во улога на генерален конзул на РМ во Њујорк и повторно од позиција на опозиционер, Филип Петровски ќе продолжи загрижено не само да ги коментира, туку и остро да го жигосува поведението на власта, односно, како што вели тој “ароганцијата на новата политичка елита”. Во една од колумните, како одговор на провокациите на Бучковски, во својство министер за одбрана, тој ќе го демаскира пред македонската јавност дека “неговата верба не е, ниту некогаш била Македонија и Македонците” и ќе му порача: “Македонија е света работа и не си играјте со неа”. Со ваквото јавно демаскирање Филип Петровски како да ги најавува неговите криминогени тендери во Министерството за одбрана, коишто и ден денес се актуелни и продолжуваат со аферите “Бачило”, “контигентите со шверц на цигари” и др.
Посебна група на написи, односно на објавени и необјавени текстови во весниците “Дневник”, “Утрински весник” и “Вест”, се одговор на неговите напади од страна на редакциите на спомнатите весници, кои во дослух со актуелната власт на СДСМ и Министерството за надворешни работи го подготвуваа неговото враќање од должноста на генерален конзул на РМ во Њујорк. Овие написи се и најдобар пример како се однесуваа редакциите и новинарите на нашите “независни” весници, кои така бестијално, мародерски и инквизиторски се нафрлија врз него, оркестрирано, приземно, со клевети, подметнувања, хистерија и исконструирани измислици и со нарачани текстови да го сатанизираат и девалвираат. Притоа, со непрофесионално злоупотребувањето на позициите, не му дозволуваа да се одбрани, односно не му ги објавуваа одговорите на нивните режирани напади, и покрај упатената прозивка до главните уредници во еден, се разбира, необјавен напис: “Новинар, што беше тоа”.
Во оваа група на написи можат да се вбројат и неговите интерни писма упатени, во својство на генерален конзул на РМ во Њујорк, до Министерството и министерот за надворешни работи и до претседателот и премиерот на Република Македонија, на кои никогаш не добил одговор, и покрај тоа што по службена должност имаа обврска да му одговорат на нивниот дипломатски службеник, а уште повеќе да го образложложат неговото разрешување од функцијата генерален конзул на РМ во САД.
Овие неговите текстови далеку од Македонија, се полни со патриотизам, длабока носталгија, елегични, со длабока интимна исповед, но и жестоки и бескрупулозни кога се однесуваат на неаргументираните клевети од страна на македонските новинари и на непрофесионалноста, непотизмот и корупцијата во Министерството за надворешни работи и се, еден вид, антологиски текстови.
Велам антологиски, бидејќи даваат историски пресек на кое ниво се наоѓаше нашето македонско “независно” новинарство и нашата “одговорна и професионална” дипломатија, посочувајќи ги уште тогаш, од Њујорк, бројните преминувања на новинарите на атрактивни позиции во власта, како советници за односи со јавните гласила, потпароли и шефови на кабинети по разни министерства, што денес нивната бројка изнесува над 30.
Навестувајќи уште тогаш, од Њујорк, дека “во СДСМ постои комисија за пропаганда, која што работи во најголема тајност и која дава налози кој и како, на каков начин треба да се дискредитира”, Филип Петровски во својата колумна во весниот “Дневник”, под наслов “Фабрика” (објавена само пред околу еден месец, што, се разбира, не е содржана во оваа книга), всушност го лоцира и го потврдува постоењето на таквата комисија со неодамнешната афера на Владата со “Фабрика”, на тајно и дебело платени новинари (всушност, единстената “Фабрика” што СДСМ ја направи за време на последново четиригодишно владеење).
Стојан Андов: РЕЦЕНЗИЈА на книгата „За нас“ од Филип Петровски
Последната група написи се однесуваат на објавените колумни во повеќе дневни весници и магазини, во периодот 2004-2005 година, во кои, повторно во улога на опозиционерски набљудувач на македонскот политичко милје, се осврнува на повеќе разновидни актуелни теми, како што се: непрофесионалноста на македонската дипломатија и аферите во Министерството за надворешни работи, проблемот со шенгенските визи, именувајќи го, притоа, ова Министерство за “Министерство за незавршени работи”; понатаму, критички ги обсервира законите за територијална организација на локалната самоуправа и за надворешни работи, референдумот и локалните избори, поделбите во ВМРО-ДПМНЕ, за правата на протераните Македонци од Егејскиот дел на Македонија, и речиси сите актуелни настани и надворешно-политички прашања, па се до кичот во наездата на турбо-фолкот во Македонија и неизбежната “Цеца”.
Текстовите на Филип Петровски не се само обични написи и колумни, тие се аналитички, програмски, стратегиски, нудат решенија, правила и механизми, се читаат во еден здив, од првата до последната буква, напишани со вистински научен методолошки пристап и со пристоен и ненавредлив тон, но со јасен, недвосмислен, уверлив и аргументиран стил, држејќи се до познатата латинска сентенца “Ути, нон абути” (употребувај, но не претерувај).
Овие две книги, почитувани присутни, претставуват извонреден извор на податоци, информации и анализи за студентските, политичките, дипломатските и партиските состојби во Македонија во периодот 1996-2005 година, текстови кои и денес се актуелни, како ништо да не е променето во Македонија. Текстовите во книгите не го оставаат рамнодушен читателот, тие го тераат на размислување, отвараат дилеми, но и вознемируваат, провоцираат, ја разбрануваат критичката мисла.
Втората книга, почитувани присутни, “Уште еднаш, за нас”, започнува со една мисла од катихизисот на Македонската емигрантска федеративна организација, што го осмисли нејзиниот лидер, Владислав (Славчо) Ковачев (меѓудругото и штипски војвода и доктор по правни науки): “Пет минути од деноноќието ќе и ги посветам на маченицата Македонија за да се соочам со мојата македонска совест и да се уверам за последен пат дека е безначајно она што досега сум го сторил за неа”. Авторот на овие две книги, почитувани присутни, на Македонија и посветил цели десет години од својот млад живот. Тоа е признание што бара огромна енергија, одговорност, самооткажување, посветеност и доследност за идејата на која и се оддал. Само со ваква инспирација, желба и љубов кон татковината може да се работи и успешно да се завршат овие две автобиографски книги. Неговите книги го најавуваат доаѓањето на нова, млада генерација на македонски политичари, храбра, бескомпромисна, патриотски посветена на својата татковина, која својата инспирација ја црпи од македонските револуционерни корени.
И на крајот, што друго да му посакаме на авторот на овие книги! Се разбира, поспокојни, но плодни политички, дипломатски и творечки моменти, барем во наредните 10 години. Мислам дека и заслужи.
Скопје, 27 април 2006 год. Проф. д-р Зоран Тодоровски